Истражувањата покажале дека фталатите (како DEHP, DBP, DIBP и BBP) претставуваат значителни здравствени ризици, особено за децата. Во САД, одредени фталати се забранети во детските играчки, но нема ограничувања за нивната употреба во парфеми и производи за лична нега, како шампон и сапун. Европската Унија, исто така, ги забрани фталатите во играчки за деца под три години и во козметичките производи, но употребата на сите фталати не е забранета – регулирана е само количината што може да ја содржат производите.
Професорката по фармакологија и токсикологија Андреа Гор од Универзитетот во Тексас препорачува да се избегнуваат производи со додадени мириси, вклучувајќи парфеми, миризливи лосиони, шампони, детергенти и антиперспиранти.
– Литературата за изложеност на фталати, особено кај децата, е крајно загрижувачка – истакнува таа.
Фталатите се ендокрини нарушувачи, што значи дека го попречуваат нормалното функционирање на хормоните во телото. Ова може да предизвика сериозни развојни ризици кај децата. Една студија, на пример, покажала дека поголема концентрација на фталати во урината го зголемува ризикот од АДХД кај адолесцентите за 25%.