Летото е тука, а со тоа и ризиците од шумски пожари, чие влијание е огромно и многу штетно.
Едно истражување спроведено врз повеќе од 10.000 возрасни лица во САД открива дека чадот од пожарите има непосредно влијание врз когнитивните функции – не само во часовите по изложеноста, туку и наредниот ден. Податоците покажуваат дека има поголеми ефекти врз оние што биле изложени на погуст чад и оние што вдишале чад од шумски пожари во западниот дел на САД.Други истражувања од Австралија, каде што шумските пожари се честа појава, откриваат дека ситните честички во чадот предизвикуваат оксидативен стрес – состојба во која нестабилните молекули во организмот ги оштетуваат клетките. Ова, пак, води кон воспалителни процеси во мозокот, што значително го зголемува ризикот од когнитивни нарушувања, губење на меморијата и подложност на невродегенеративни заболувања како Алцхајмерова и Паркинсонова болест.
Систематски преглед на истражувања објавен минатата година ги сумира овие наоди и укажува дека изложеноста на екстремна топлина и чад – феномени што стануваат сè почести поради климатските промени – имаат долготрајни последици врз способноста на телото да ја регулира температурата, врз когнитивните функции и, на крајот, го зголемуваат ризикот од развој на невролошки заболувања.
